Претседателот на Чешка, Милош Земан, денеска ја критикуваше новата коалициска влада на десниот центар за укинувањето на обврската за вакцинирање на лицата над 60 години и група професии воведени од претходната влада минатата есен и го предупреди премиерот Петр Фијала дека тоа било грешка.

-Тоа е грешка. Не само Австрија, туку и Германија и Белгија размислуваат за задолжителна вакцинација, со време ќе се приклучат и други земји бидејќи ќе дојдат нови мутации и би било добро да се заштитиме – рече претседателот Земан во интервју за чешката телевизија „Прима“.

Чешкиот претседател нагласи дека сега нема причини за демонстрации против вакцинацијата во Чешка, бидејќи со ширењето на мутацијата омикрон, „помина најлошото во пандемијата на ковид-19“.

-Речиси сите во оваа земја веќе имале ковид. Се намалува бројот на хоспитализирани и пред се починати, а можеме да се надеваме дека за 14 дена ќе видиме крај на епидемијата. Од тоа произлегува дека демонстрантите немаат од што да се плашат бидејќи најлошото е зад нас – рече Земан.

Тој најави дека ќе го потпише Законот за пандемија што го донесе Претставничкиот дом оваа недела и покрај опструкциите на радикалните националисти од партијата Слобода на директна демократија, а моментално е во Сенатот на Парламентот.
Овој закон ѝ овозможува на Владата да не посегнува кон порадикални ограничувања на слободите на граѓаните во борбата против пандемијата, како што беше вонредната состојба што беше на сила првите две години од пандемијата за време на претходната влада.