Комисијата за заразни болести засега нема да предлага ставање во карантин на општините каде што има најголем број заболени од коронавирусот. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе се почека уште 2-3 дена, а потоа ќе се одлучува дали да ќе се предложи ставање под карантин на одредени општини, односно ограничување на движењето.

– Анализата на епидемиолозите покажа дека бројката на новодијагностицирани е повисока, но дека сите пациенти потекнуваат од контактите со некој од заболените. Оваа стратегија ќе продолжи и понатаму – рече Филипче.

Тој уште еднаш повтори дека дел од граѓаните одбиваат да соработуваат и да кажуваат со кого имале контакт.

– Дел од тоа е надминато, еве семејството на починатиот од ковид-19 кај кој беше утврден вирусот постмортем, целосно се анкетираше. Но, сепак, има граѓани кои одбиваат да се тестираат, да дојдат во болница и кои не веруваат дека вирусот постои. Апелирам – вирусот постои и мерките мора да се почитуваат – рече Филипче.