На високообразовните установи каде постои можност за целосна примена на протоколот за полагање испити на високообразовните установи, а во согласност со мерките за заштита од коронавирусот од Комисијата за заразни болести, може да се реализираат студиските програми, како и проверката на знаењето, со физичко присуство на студентот, одлучи денеска Владата.

– На високообразовните установи каде постои можност за целосна примена на протоколот, со физичко присуство на студентот може да се реализираат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно – научната и уметничката област, консултативно – инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), полагањето на испитите и колоквиумите, како и одбраната на дипломска, магистерска теза и докторски труд – се наведува во соопштението.

Исто така со оваа Уредба се регулира и работата на Стручната служба – може да се врши со физичко присуство на вработените, ако за тоа постои можност за примена на протоколот.