Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе предлози за издавање казнен налог против три лица кои не постапиле според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Двајца од обвинетите, спротивно на одлуката на Владата за забрана и посебен режим на движење, со која се забранува движење на населението од 21 до 6 часот, со „ситроен“ се движеле по булеварот Александар Македонски, каде што биле запрени од страна на полициски службеници на полицијата. Обвинителството му предложи на судот на обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби.

Третиот обвинет, откако на 18 овој месец допатувал со товарно возило од Грција – земја со среден ризик со зараза, во согласност со листата на Светската здравствена организација, на граничниот премин Богородица бил запознаен со мерката за задолжителна самоизолација во согласност со одлуката за мерки за спречување внесување и ширење на коронавирусот. На 20 март ја прекршил мерката за самоизолација и при извршена проверка од страна на полициски службеници на МВР ПС Радовиш не бил затекнат во својот дом. Обвинителството за овој обвинет предложи да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја во висина од 20 евра.​