Фото: Архива

Стопанската комора на Македонија, секојдневно, 24 часа е ставена на располагање на
компаниите со цел полесно надминување на постојната ситуација. Прашањата и
иницијативите од компаниите се проследуваат до Владата и надлежните институции и
повратните информации, уредби и заклучоци се проследуваат до компаниите, објавено е на интернет-страницата на комората.

Поддршката на Стопанската комора на Македонија во постојниов период е насочена и
кон компаниите членки на Советот на странски инвеститори при комората. Имајќи го
предвид нивното релативно значење за вкупниот македонски извоз, бројот на
вработени во овие компании и фактот дека апсорбираат значаен дел од работната
сила надвор од Скопје, важно е да се знае што ќе се случува во наредниов период и во
овој сегмент на македонската економија.

Глобалните случувања со коронавирусот наметнаа прекин на работата на
компаниите од автомобилската индустрија ширум светот. Во такви околности и
компаниите во земјава, членките на Советот на странски инвеститори при Стопанската
комора на Македонија, се принудени, не по свој избор, целосно или во најголем дел да
го прекинат производството, во период од најмалку неколку недели.

Но, и покрај ваквите неповолни случувања и сериозните финансиски последици,
компаниите членки на Советот за странски инвеститори при Стопанската комора на
Македонија преземаат напори и мерки да не отпуштаат работници, планираат да
искористат одреден модалитет, но првенствено сакаат да ги задржат вработените.

Така, компаниите планираат претстојниот период на прекин на производството да го
искористат за реализација на обуки за вработените или вработените да користат
неискористен редовен годишен одмор од минатата година и мал дел од одморот за
оваа година, евентуално користење на принуден одмор и слично.

 За сите овие прашања деновиве во Владата се одржа работна средба на
заменик претседателот за економски прашања Мила Царовска со компании членки на
Советот на странски инвеститори, на која имаше и претставник од Стопанската комора
на Македонија.