фото: Зоран Антоски

Најавениот есенски бран на ковид-19, за жителите на Општина Кичево е најочигледен низ бројките на новозаболени.

– За жал предвидувањата дека со доаѓањето на есента ќе се зголеми бројот на новозаболени од ковид-19 во целост се остваруваат. Така, само во последните три дена имаме дури 40 новозаболени и ако продолжи овој тренд, состојбите драстично ќе се влошат. Се уште поголемиот број на инфицирани се со полесна клиничка слика и се третираат во домашни услови, додека потешките случаи се упатуваат во болниците во Битола и Скопје. Има најава од Министерството за здраство, дека во кругот на нашата болница ќе се изгради модуларен ковид-центар, еден од 16 во земјава, што ќе овозможи дел од потешко болните пациенти да се третираат во својот град – истакна Џабир Бајрами, член на Кризниот штаб

Бајрами апелира до граѓаните во целост да ги почитуваат протоколите, да носат заштитни маски, по можност и надвор да не се групираат, да одржуваат прописно растојание и редовно да ги мијат рацете. Тој додава дека во едно рурално училиште евидентирани се и тројца наставници новозаболени од ковид-19, кои навреме се повлекле од настава и не се опасност за останатите ученици и колеги во училиштето. Градинките во градот се уште одолеваат на коронавирусот, иако одзивот на децата е нешто помал од планираното. З.А.