Македонија доби пристап и до Европскиот солидарен фонд, од каде заедно со земјите – членки на ЕУ ќе бидат соодветно распределени средствата за солидарно справување со предизвиците од КОВИД 19. Ова го истакна еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји, во видео разговор со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Османи и Вархеји разговараа за активностите на Владата и на Координативниот штаб во справувањето со предизвиците од епидемијата КОВИД 19, како и можностите за подлабока соработка во оваа насока со институциите на ЕУ.

– Итната помош од четири милиони евра, но и ослободувањето на преку 60 милиони евра од ИПА средствата за справување со социо – економските предизвици претставуваа значајна помош од стана на Европската Унија, а особено радува фактот што земјата станува дел и од заедничкиот европски механизам за заштита од КОВИД 19, преку учество и во заедничката набавка на Европската Унија за медицински средства за оваа намена – истакна Османи.