Фото: Игор Бансколиев

Според извештајот на ИЈЗ

Бројот на нови случаи на ковид-19 е зголемен за 33,9 отсто од 10 до 16 јануари, споредено со претходната седмица, односно биле дијагностицирани 11.123 случаи од направен 45.401 тест, со што просекот на позитивност бил 24,4 отсто.

Од минатиот до понеделникот неделава, 50,6 проценти од заразените, т.е. 5.630, се од Скопје, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најзастапена возрасна група кај инфицираните е од 30 до 39 години, а зголемување на бројот на заболени има кај сите возрасни групи, особено кај оние над 60 години, со раст од 99,6 отсто и кај тие од 50 до 59, со зголемување од 90,3 отсто во однос на претходната недела.

Во текот на минатата недела биле пријавени 1.247 реинфекции, што споредено со неделата претходно е зголемување од 31,8 проценти. Од вкупно 96 позитивни примероци, кај 57 (59,4 отсто) е детектиран омикрон, откриен во седум градови (Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија).

Неделниот извештај на ИЈЗ покажува и дека од 10 до 16 јануари имало 55 смртни случаи од ковид-19 во 15 градови, што е за 34,1 проценти повеќе од минатата недела. На болничко лекување се 439 лица, што претставува зголемување за една четвртина во споредба со претходната недела.

Бројот на активни случаи моментно изнесува 17.218, а 9.167 од нив се во Скопје. Четирицифрен број активни има Битола со 1.516,  а подоа следуваат Прилеп (960), Куманово (662), Охрид (548), Кавадарци (426), Струмица (345) и Велес (327).