Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Кога учениците ќе престанат да носат заштитни маски во училиштата зависи од проценката на Комисијата за заштита од заразни болести, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири одговарајќи на новинарско прашање. Министерот денеска беше во Струмица и во Валандово на дијалог за креирање на уписната политика за учебната 2022-2023 година и унапредување на средното стручно образование.

– Кога комисијата за заразни болести ќе процени дека не се потребни во образовниот процес, јас сум сигурен дека тие ќе дадат препорака да се тргнат маските. Знам дека сме во период кога очекуваме олеснување на мерките, но, исто така знаеме дека и кога ќе имаме полесни препораки, можеме да имаме зголемување на бројот на заразените – истакна Шаќири.

Министерот посочи дека има закон за зголемување на платите, зборувајќи околу усогласувањето во образованието.

– Ние имаме за цел да ги мотивираме наставниците. Јас досега со претставници на СОНК имам реализирано три состаноци и еден со другите ресорни министерства, на кои ги разгледуваме барањата. Во делот на зголемување на платите, една од препораките е дека треба да се нивелира минималната плата со другите плати. Значи, нема да има луѓе кои ќе бидат под минималната плата. Ги знаеме економските состојби и затоа треба да се бара решение – рече Шаќири, додавајќи дека повеќе пати нагласил штрајкот да не се гледа како единствено решение на овој проблем“.