Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Од денес нови протоколи за македонските граѓани за влез во Германија и Шпанија

Министерството за надворешни работи информира дека за влез во Германија, за нашите граѓани ќе се применуваат нови ковид-протоколи.

– Согласно препораките од Европската комисија, за влез во Германија, за граѓаните на Северна Македонија ќе се применуваат следните препораки. Важноста на сертификат за вакцина со две дози од призната вакцина од ЕМА/Германија ќе биде 9 месеци/270 дена, наместо досегашните 12 месеци, и соодветно патниците при влез ќе треба да ја имаат предвид важноста на нивниот сертификат со цел да не им биде одбиен влез. Сертификат за вакцинација со 3 дози призната вакцина од Германија засега ќе имаат неограничена важност – е нагласено во писменото известување.

Во Шпанија, појаснуваат од министерството, според новите правила, се прифаќаат потврдите за извршена имунизација со две дози вакцини од надлежните органи на Македонија, доколку се поминати 14 дена од датумот на прием на втората вакцина и доколку не поминале повеќе од 270 дена од датумот на прием на втората вакцина. По истекот на рокот од 270 дена, сертификатот за имунизација издаден од надлежниот орган на земјата на потекло мора да содржи доказ за прием на трета (бустер) вакцина, потенцираат од оваа институција.

– Шпанските власти соопштуваат дека влез со ПЦР или НААТ тестови ќе биде дозволен само за патници кои имаат соодветна шпанска виза или дозвола за престој во Шпанија. Сертификатите за имунизација со две вакцини кои не се признаени од СЗО и ЕМА ќе се прифаќаат само ако третата примена вакцина е признаена од страна на СЗО и ЕМА – е наведено во соопштението од Министерството за надворешни работи.