Фото: Архива

Германија ја врати Македонија на листата на ризични земји поради ситуацијата со ковид-19. Со најновата одлука на германските власти, од државјаните на Македонија при влез во Германија се бара електронско пријавување и поседување на потврда за вакцинација или за прележан ковид-19 или негативен ПЦР-тест.

За лицата кои не биле заразени со ковид-19 и не се вакцинирани, следува мерката за 10-дневен карантин, при што можат да бидат ослободени најрано на петтиот ден со тестирање за ковид-19. Од оваа мерка се ослободени невакцинираните деца до шест години, на кои сепак карантинот им се прекинува по пет дена.

Нов ковид-протокол воведе и Финска. Сите лица, вклучувајќи ги и македонските државјани, кои не можат да се вакцинираат против ковид-19 од медицински причини, можат да влезат во Финска доколку имаат лекарско уверение кое го покажува тоа, заедно со потврда за негативен ковид-тест, не постар од 48 часа.

За сите останати (освен оние со регулиран престој) кои пристигнуваат во Финска и натаму се задолжени да приложат доказ за целосна вакцинација или оздравување од Ковид 19 (во изминатите шест месеци) заедно со негативен тест за ковид-19 (не постар од 48 часа).

Истовремено, властите на Хонгконг донесе одлука за измена на условите за влез во Хонгконг, согласно која Македонија се наоѓа во групата А земји каде се детектирани случаи на омикрон.

Поради тоа, се ограничува влез на наши државјани и странци (кои не се резиденти на Хонгконг), а кои во изминатите 21 ден престојувале во Македонија. Дополнително, дозволен е влез за резиденти на Хонгконг, но со 21 дневен задолжителен карантин и 6 ПЦР-теста.