Злате Мехмедовиќ/Фото: МИА

Надлежните се задоволни и сметаат дека секоја идеја која ќе го зголеми процентот на вакцинирани е добра

Караванот за промоција на вакцинацијата кој започна на 21 март во Шуто Оризари, при што беа посетени 14 градски и рурални подрачја низ целата држава, пред да заврши завчера во Струга, дал задоволителен придонес во опфатот на вакцинирано население.

Иако нема точна бројка колку лица биле вакцинирани во овој караван, сепак, според податоците, овој метод го зголемил опфатот на вакцинирани на ден за 11 проценти. Надлежните се задоволни и сметаат дека секоја идеја што ќе го зголеми процентот на вакцинирани е добра.

Злате Мехмедовиќ, портпаролот на Комисијата за заразни болести, вели дека како Комисија имаат став за проактивна улога и постојано да повикуваат на имунизација на населението против ковид-19.

– Целта на овој караван е да се зголеми процентот на вакцинацијата во земјата. Секоја мерка која оди во насока да се подобри вакцинацијата и да биде подостапна до граѓаните е секогаш добра мерка – вели тој.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, речиси 41,2 проценти од вкупното население во земјава е вакцинирано со две дози, а со помош на караванот пријавено е зголемување од над 11 отсто во просечниот дневен број на вакцинирани лица.

Заклучно со 3 април, вакцинирани се вкупно 873.114 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 853.501 лица, а со трета доза се вакцинирани 154.693 лица.

Инаку, продолжува намалувањето на бројот на заразени, хоспитализирани и починати од ковид-19, како што покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 28 март до 3 април годинава.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 71 лица (13,4% помалку во споредба со претходна недела), од нив 27 се на кислородна поддршка (18,2% помалку во споредба со претходна недела), а 5 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (за 4 повеќе во споредба со претходна недела).

Од следната недела се очекува Главниот координативен кризен штаб да ги прифати мерките предложени од Комисијата за заразни болести, која препорача да се укине мерката за носење маски за средношколците и повторно да се организираат училишни екскурзии во основните и средните училишта.

Овој предлог на Комисијата доаѓа откако Владата неделава ги усвои мерките за укинување на маските за учениците од основните училишта, настава со физичко присуство на факултетите, но со задолжително носење заштитна маска и максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот до 75 проценти, како и укинување на обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или прележаност во отворениот дел на угостителските објекти. Р.З.