Потребна е целосна анализа за смртноста од ковид-19 во државата, смета проф. д-р Никола Пановски/ Фото: Приватна архива

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17 до 23 јануари годинава, пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови, што е за 76,4 отсто повеќе во однос на минатата недела

Професор д-р Никола Пановски за моментната епидемиолошка состојба

Треба ли државата да направи целосна анализа за смртноста од ковид-19, со цел да се утврди кои се клучните аспекти поради кои настануваат компликациите од коронавурот, кои завршуваат со смртен исход. Иако се претпоставува дека сега во Македонија се шири омикрон-сојот, кој не предизвикува сериозни компликации, сепак, на дневна основа сѐ уште има околу дваесетина смртни случаи. Според проценките на микробиологот проф. д-р Никола Пановски, колку повеќе новозаразени има, толку поголем ќе биде и бројот на хоспитализации, а со тоа и бројот на починати лица.

– Не се знае точната причина зошто со денови на дневно ниво имаме околу 20 смртни случаи, кои настанале како последица од ковид-19. Треба да се направат детални анализи, поединечно за секој смртен случај, како на пример, кои болести ги имале лицата, кои вакцини ги примиле, како и дали биле целосно вакцинирани – вели Пановски.

Колкумина од починатите биле заразени со делта, а колку со омикрон?

Професорот посочува и дека првично треба да се утврди колкумина од починатите биле заразени со делта, а колку со омикрон.

– Потоа, треба да се анализира дали и зошто голем дел од починатите биле хоспитализирани. Иако болниците не се полни, далеку сме од максимумот на исполнување на болничките капацитети, сепак, како што расте бројот на хоспитализирани, така расте и бројот на починати. Немаме детални информации за детална анализа. Разговараме на база на претпоставка – објаснува тој.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17 до 23 јануари годинава, пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови, што е за 76,4 отсто повеќе во однос на минатата недела.

– Најголем дел од нив се од Скопје или 38 починати лица. Во однос на возраста, најголем број, 85 или 87,6 проценти од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се 8 починати лица и кај возрасната група од 50-59 години, двајца од 40-49 години и двајца од 30-39 години – информираат од Министерство за здравство.

На 24 месецов имало вкупно 22 починати и 718 нови случаи на ковид-19.
На 23 јануари имало нови 20 починати и 1.424 позитивни, а на 22 јануари нови 21 починати и 1.913 позитивни на ковид-19.

Кога ќе се намали бројот на новозаразени, ќе се намали и бројот на починати

Пановски вели дека кога во септември минатата година имало по 2.400 заразени на ден, имало и до 50 смртни случаи дневно.

– Омикронот да беше смртоносен како делта-сојот, на овој број на заразени ќе имавме и до 70 смртни случаи на ден. Омикронот ја намалува смртноста процентуално, но сепак имаме бројка на смртни случаи на дневни ниво која не е мала – посочува тој.

Сепак, Пановски очекува кога бројот на позитивни случаи на дневно ниво ќе се намали на 500 новозаразени, да нема повеќе од пет смртни случаи на ден.

– Кога ќе се намали бројот на смртни случаи, тогаш веројатно дека ќе доминира омикрон-сојот. Но, за сето ова да е релеватно и да се базира на факти, треба институциите да посочат детални податоци – заклучува професор Пановски.

За една недела, регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5 отсто во однос на претходната недела. Заклучно со 22 јануари годинава, вакцинирани се вкупно 864.759 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19, во државата и во странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.