Фото: Игор Бансколиев

Минатата недела регистрирани се 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, што е намалување од 27,4 проценти во однос на претходната недела, а процентот на позитивност се движи од 7,8 до 13,8 отсто, просечно 11,6 проценти, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според неделниот извештај на ИЈЗ, во периодот од 7 до 13 март тестирани се вкупно 15.264 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на коронавирус, со намалување од 12 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (983; 54,1%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 167,6/100.000, Ресен – 163,4/100.000 и Скопје – 155,0/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (505, 27,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група до 9 години (60; 3,3%).

Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7% во возрасната група до 9 години.

Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2% во однос на претходната недела.

Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во текот на изминатата недела, за 33,3% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.

На 17 февруари минатата година во Македонија започна вакцинацијата против ковид-19, а заклучно со 12 март годинава, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.