Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев преку Фејсбук информираше дека 1322 лица не ја почитувале мерката за ограничување на движењето, од кои 62 лица на возраст до 18 години и 42 лица на возраст над 67 години.

Тој изрази благодарност до граѓаните кои го почитуваат полицискиот час, воведен поради коронавирусот.

– Приведени се вкупно 519 лица, опоменати се 223 лица, а за останатите земени се податоци и ќе следуваат дополнителни мерки. Најголем дел од лицата се на територијата на СВР Скопје. До основното јавно обвинителство до сега поднесени се вкупно 483 кривични пријави и 73 известувања – напиша Чулев.
Министерот Чулев дополни дека досега на 2405 лица им се издадени решенија за изолација, а вкупно 9793 лица пополниле изјава за самоизолација.