Регионални ковид-центри ќе се формираат во градовите каде што веќе постојат општи болници и здравствени домови, во рамките на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот.
Градоначалниците на 16 општини во земјава го поддржаа ваквиот предлог на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести, чија цел е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид-19, без притоа да се загрозува редовното работење на болниците, но и здравјето на другите пациенти.

Станува број за дополнителни привремени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и приспособување одредени други капацитети, кои би можеле да се адаптираат и да се користат како привремени ковид-центри.
Вакви центри е планирано да се отворат во Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и во Прилеп. Инфраструктурните барања се тесно поврзани со персоналот, опремата и ресурсите.

– Од страна на присутните градоначалници беше поздравена иницијативата на Министерството и беше прифатен ваквиот пристап на координација. Тие ја изразија својата подготвеност, ја истакнаа својата безрезервна поддршка и се согласија дека ќе ги стават сите свои капацитети на располагање, во рамките на нивните ингеренции – велат од Министерството за здравство.
Активностите за подготовка за евентуален есенски бран на ковид-19 продолжуваат денеска, кога Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести организираат состанок со директорите на болниците во овие 16 града, во однос на здравствените капацитети и техничките потреби за да се подготви соодветен навремен одговор на евентуалниот есенски бран на ковид-19 во земјава.