Фото: Игор Бансколиев

Од Бигорскиот манастир посочуваат дека учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи од балконите и од тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание

Традиционално и годинава во Струга, еден ден по празникот Ѓурѓовден, на 7 мај ќе се одржи струшка литија, на која ќе се прикажат моштите на светиот великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона. Но како што соопштуваат од Бигорскиот манастир, поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Оттаму посочуваат дека учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи од балконите и од тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание.

– Традицијата на струшката литија (Еордија) и чествувањето на светиот Великомаченик Георгиј на 7 мај во Струга, никако нема да изостанат, но овој пат целокупната церемонија ќе биде реализирана само од страна свештенството на Дебарско-кичевската епархија и Бигорската, Рајчичката и Пречистанската монашка обител. Свесни за огромната почит што ја имате кон светиот Победоносец Георгиј, сесрдно ве молиме да останете во вашите домови и ве уверуваме дека ќе се помолиме за секого од вас и за целата наша земја и светот, што поскоро да бидат избавени од искушението наречено ковид-19 – соопштуваат од Бигорскиот манастир.

Претходно во храмот на великомаченикот во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, по што ќе следува црковната поворка. Со намера на верниците да им се овозможи молитвено да учествуваат во оваа богослужба, храмот ќе биде озвучен и тие ќе можат да ја слушаат богослужбата однадвор.
И годинава литијата ќе биде збогатена со чудотворната икона Крнинска и на Христос Архиереј од манастирот „Пречиста Кичевска“.
Струшката Еордија спаѓа во категоријата значајно културно наследство, заштитено со државен закон, а преку здружението „Рајчица“ е помогната од Министерството за култура.
Бигорската и Рајчичката монашка обител, на чело со архимандритот Партениј, првпат пред 11 години, со благослов на владиката Тимотеј, ги донесоа моштите на св. Георгиј Победоносец на традиционалната струшка литија, за да ја поткрепат и збогатат. Тоа предизвика голем интерес не само кај нашиот народ туку и пошироко, кај соседните православни народи.

Литијата постои во Струга уште од времето на преродбата, која е на местото од стариот храм од 16 век, кој бил урнат во времето на Османлиите. Иконата на свети Георгиј, пак, е најстарата икона од овој светец во Македонија, а се вбројува и меѓу седумте икони од 13 век пронајдени во македонските храмови. На иконата светецот е претставен во природна големина. Во десната рака, подигната во висина на главата, држи копје. Му припаѓала на иконостасот на старата истоимена струшка црква, која била урната и на нејзино место во 19 век бил изграден денешниот централен црковен храм „Свети Георгиј“.

Зборот литија значи свечена црковна процесија и е составен дел од богослужбата во црквата. Вакви процесии, според традицијата, се практикуваат во сите православни земји и секогаш се збогатени со светињи – мошти и чудотворни икони.