Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Куманово каде што од раководството беше запознаен со активностите кои се преземаат на територијата на општината, насочени кон справување со коронавирусот.

– Вчера во Куманово на 52-годишна возраст почина И.С., вработен во Министерството за внатрешни работи како полициски службеник на граничниот премин Белановце. Според информациите кои ги добив од колегите, станува збор за лице кај кое во изминатиов период е детектирано присуство на коронавирусот. Во оваа пригода сакам во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам најдлабоко сочувство за загубата пред сè до неговото семејството, а истовремено да искажам и почит кон неговата работа и дело, истакнувајќи дека сите ние во МВР изгубивме почитуван колега, пријател и вработен кој несебично даваше активен придонес во справување со секојдневните предизвици – истакна министерот Чулев.

Тој посочи дека полициската работа бара натчовечки напори, исклучителност и пожртвуваност во извршување на работните обврски.

– Во изминатиот период во речиси секое мое обраќање во јавноста апелирав до граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања, а како министер за внатрешни работи ги преземав сите неопходни мерки и активности за обезбедување соодветна опрема и заштита на полициските службеници, но и сите останати вработени во МВР – потенцираше Чулев.