Фото: Игор Бансколиев

Повикот до партиите и до верските заедници да се вклучат со свои активности за издигнување на свеста за опасноста од ширењето на коронавирусот, по речиси тримесечна кампања и спроведување мерки за заштита од страна на здравствените и државните институции, наведува на прашањето за влијанието на авторитетот на официјалните државни власти, наспроти оној на другите општествени чинители, пред сѐ, на политичките партии и на верските заедници

Авторитетот на државните институции наспроти оној на партиите и на верските заедници

Можеби очекуван, но секако не толку брзо и експлозивно, таканаречениот втор бран на ширење на коронавирусот во Македонија со својот цунами-налет ги надмина сите јавни и премолчени предвидувања. Уште пред олабавувањето на мерките за спречување на последиците од пандемијата (укинувањето на полицискиот час, отворање на угостителските објекти, флексибилност во однос на чествување на верските празници) и здравствените власти и политичките фактори беа свесни дека случаите на заразени од вирусот нема да исчезнат. Но драматичниот пораст на новозаразени и починати од ковид-19 на некој начин предизвика дополнителни граѓански фрустрации, политички импликации и антагонизми, како и продлабочени поделености.

Гостиварскиот градоначалник и поранешен министер за здравство, Арбен Таравари, изјави дека „ние сме први во светот што пред завршувањето на првиот бран (на коронавирусот) веќе влегуваме во втор бран“. Исто така, поради зголемениот број инфицирани од ковид-19, Демократскиот сојуз ги повика сите политички партии и верските заедници да инсистираат кај сите граѓани да ги почитуваат препораките и мерките на Владата за заштита на здравјето на граѓаните и да го спречат ширењето на коронавирусот.
Повикот до партиите и до верските заедници да се вклучат со свои активности за издигнување на свеста за опасноста од коронавирусот, по речиси тримесечна кампања и спроведување мерки за заштита од страна на здравствените и државните институции, наведува на прашањето за влијанието на авторитетот на официјалните државни власти, наспроти оној на другите општествени чинители (партиите и верските заедници).

– Сериозноста на ситуацијата со зголемување на бројот на новозаразени и на смртни случаи од ковид-19, нѐ наведе да го упатиме овој апел. Апелот го упативме до сите општествени чинители, а пред сѐ до партиите и до верските заедници, зашто државата не може да постигне ништо со мерките ако има опструкции. Тоа што партиите имаат поголем авторитет од државните институции само ја потврдува состојбата дека сме партиска држава. Според одредени сознанија, во Македонија 400.000 жители се членови на партија, што доволно говори за партиското влијание и авторитет. Од друга страна, и верските заедници можеби имаат уште поголемо влијание од партиите, зашто партиите им се додворуваат ним за гласови на избори. Секако, апелот за почитување на мерките за заштита од ширење на пандемијата треба да им се упати и на верските заедници, зашто очигледно таму се шири некоја друга пропаганда, сосема надвор од официјалната кампања за заштита од вирусот. Таквата пропаганда претставува опструкција на мерките за заштита – вели Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.

Трајанов смета дека во услови на пандемија, граѓанскиот сектор речиси престанал да функционира и не се вклучил активно во издигнување на свеста кај граѓаните за опасноста од коронавирусот. Во однос на довербата на граѓаните во институциите, лидерот на Демократскиот сојуз цени дека тоа е една работа, но државата секако треба да воспостави инструменти и чекори за граѓаните да ги почитуваат мерките.
Во анкетите на јавното мислење до пред корона-кризата, како институции со најголема доверба кај граѓаните најчесто се појавуваа армијата и верските заедници. Интересно беше што во сите истражувања беше констатирано дека овие институции всушност се најмалку видливи во јавноста, односно самите тие не прават речиси ништо за себепромовирање или за зголемување на сопствениот рејтинг и доверба пред јавноста, како што вообичаено практикуваат политичките партии, но и други тела и органи.

Едно истражување на јавното мислење од минатата година, спроведено од телевизијата Телма и од агенцијата „М-проспект“, ја потврди тенденцијата на (не)доверба на граѓаните кон одредени институции и политички фактори, наспроти растечката и зголемена доверба кон АРМ, безбедносните служби и црквата и верските заедници. Политичките аналитичари сметаат дека таквата состојба е непроменета и затоа политичките партии „внимателно“ се однесуваат со верските заедници и во вонредни услови.
– Верските заедници во Македонија традиционално уживаат висока доверба кај граѓаните (на сите анкети/истражувања во последните дваесетина години, секогаш е мнозинска, над 50 отсто, а често и околу двотретинска, околу 65-66 отсто). Во тој ранг од државните институциите се само армијата и полицијата. И тоа е така без оглед на повремените испади, па и скандали кај нив.

За споредба, граѓанското општество во целина (сосе верските заедници како дел од него) и самите граѓански организации, уживале доверба меѓу 40 и 55 отсто. На долниот дел на листата за доверба, исто така мошне традиционално (со оглед на дводецениските податоци), се судството (најдолу до 20-25 отсто и политичките партии (20-30 отсто). Во последно време довербата во партиите паѓа и под 20 отсто (на последната анкета нарачана од МЦМС, во декември 2019 година, двете најголеми партии имаа околу 20 отсто доверба, а оттогаш во други анкети се и помали бројките). Во таа смисла, разбирлив е внимателниот однос на партиите со верските заедници, особено кога и тие самите ќе се „заканат“ со влијание на изборите (кое во некои средини е несомнено големо… иако е забрането).

Па, така, бевме сведоци на слично однесување и во ова време на корона-пандемија, преку попустливост на Владата (изјавата на Спасовски пред Велигден) кон практикување на обичаите и покрај опасностите од непридржување кон мерките и за ширење на заразата, а во премолчено (или и не толку тивко – пр. непостапувањето на МВР и Чулев за време на литијата во Струга) согласување и од другите партии (пр. првата изјава на Бујар Османи за поголемо разбирање кон потребите на верниците, а по првите прекршувања на мерките од страна на ИВЗ).

Следствено, наместо јакнење на секуларниот карактер на државата и дистанцирање на партиите од верските заедници (и обратно), сведоци сме на заемно кокетирање и во однос на изборните процеси, а, за жал, последниве месец-два и во однос на реакцијата кон пандемијата, со можни опасни последици (кои деновиве се чини се остваруваат со зголемен број случаи кај лица што најверојатно не ги практикувале мерките од верски причини) – ги посочува фактите и состојбите Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.