Основното јавно обвинителство Битола во текот на денешниот ден до Основниот суд Битола достави предлози за издавање казнени налози против четири лица кои биле затекнати при непочитување на забраната за движење во текот на полицискиот час.

Лицата се обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. Имено, тие не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест ковид-19, односно не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење.

Обвинителството на Судот му предложи да определи парична казна за секој од обвинетите во висина од 100 дневни глоби при што вредноста на една една глоба да се определи на 20 евра во денарска противвредност.