Од Центарот за јавно здравје – Прилеп денеска информираат дека во општина Прилеп има четири нови случаи на коронавирус, а на Инфективното одделение во болницата „Борка Талески“, почина 82-годишен маж.

Бројот на активни случаи изнесува 36, од кои 29 се наоаѓаат на домашно, а седум на болничко лекување.

На Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“, хоспитализирани се седум лица позитивни на коронавирус.

Од Центарот за јавно здравје – Прилеп информираат дека во текот на денешниот ден, испратен е извештај од направениот епидемиолошки увид во Гинеколошко-акушерското одделение при Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, после добивање на позитивни резултати на ковид-19 кај седум вработени во одделението.

За време на увидот направен е разговор со останатите вработени, со цел да се утврди кој од вработените имал контакт со позитивните случаи. После извршената анализа и проценка на ризикот на изложеност, вработените кои имале контакт од среден и висок ризик со потврдените случаи, ставени се во самоизолација во рок од 14 дена. На сите вработени им е укажано за правилна и постојана употреба на лична заштитна опрема, согласно упатствата од Министерството за здравство и интерните протоколи на болницата.

Направено е тестирање на останатите вработени во одделението и сите се негативни. Лицата што се во самоизолација остануваат дома до истекување на изречената мерка.

Во текот на денешниот ден екипа на Центарот за јавно здравје-Прилеп, ќе изврши дезинфекција на сите простории во Гинеколошко-акушерското одделение. Ка.М.