Четворица новозаразени, шестмина оздравени од ковид 19 регистрирал денеска Центарот за јавно здравје – Прилеп. Активни се 125 случаи, од кои 23 се хоспитализирани во болница, а 102 лица се на домашно лекување. Вкупно во прилепскиот регион од почетокот на пандемијата се регистрирани вкупно 644 заразаени од ковид-19.

Драгица Николоска, директорка на ЦЈЗ посочува дека од први август досега повеќепати е зголемена бројката на новозаразени.

– Од први август па се до денеска имаме регистрирано вкупно 313 новозаразени. Моментно имаме еден активен кластер од фирма, а другите се семејни кластери претежно од непочитување на мерките за заштита, односно организирање на семејни прослави. Значи бројот е повеќепати зголемен е во однос на јуни, јули. Односно во јули регистрирани се 70, а јуни 51 новозаразени, а досега починати се 38 лица. Во нашиот Центар досега еден здравствен работник бил асимптоматски заразен, а три лица биле во
изолација – вели директорката Николоска.

Во инфективното одделение на прилепската болница максималниот број на пациенти кои можат да бидат хоспитализирани е 30.

– Сега во одделението имаме хоспитализирани 23 лица на различна возраст. Десет се на кислородна поддршка и сите на повозрасни години. Еден здравствен работник е на болница од брза помош, а еден е на домашно лекување. Повозрасните во тешка состојба не ги примаат на клиниките во Скопје, заради преблокираност. Се наоѓаме во незавидна ситуација оти имаме проблем од недостиг на кадар – лекари и медицински персонал. Повеќе од 60 проценти од хоспитализирани се од градот, а остатокот е од околината. Има случаи на заразени цели семејства – посочи инфектологот Мирјана Крстеска од прилепската болница, по денешниот состанок на Кризниот штаб на Општина Прилеп.

Градоначалникот Илија Јованоски апелираше за поголемо почитување на мерките
за заштита кај граѓаните, да не се организираат прослави и младите да не се собираат во вечерните часови. Тој најави засилени контроли при влез во Градскиот пазар, низ градот, со засилена дезинфекција, и изрекување на казни заради неносење на маски и спречување на групирања, бидејќи состојбата е влошена и да не се доведе до тоа да стане алармантна, барајќи НВО поактивно да се вклучат во превенцијата од заштита од корона вирусот.

Градоначалникот Јованоски истакна дека се дадени податоци до надлежните за поставување мобилна болница зад инфективното одделение и во тек била постапката.
Во општина Прилеп засега едно лице од приемното одделение е позитивно на коронавирусот, а има лица кои се во изолација. Ка.М.