Епископот стобиски Јаков

Мене, како човек на црквата, воопшто не ме загрижува правецот во кој ќе одат верата и сите луѓе што веруваат, објаснува најмладиот владика во МПЦ-ОА, епископот стобиски Јаков

Епископот стобиски Јаков

Ова е исклучително тежок период за човештвото, а ограничувањата со кои се соочува црквата не се насочени единствено кон неа туку кон секого и кон сѐ, верувам со добра намера, вели епископот стобиски Јаков, најмладиот владика во Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Според него, воскресението Христово како историски настан е најголемата пресвртница во човечката историја, па оттаму секој Велигден како сеќавање, но и директно учество во светлината на воскресението, е своевидна пресвртница (преумување), за секој човек на личен план. Тој посочува дека од оваа криза црквата ќе излезе посилна, како што било секогаш кога таа се наоѓала во кризи.

– Зборот криза буквално преведен значи суд, и веќе гледам и читам дека за многу луѓе оваа криза стана суд пред Страшниот суд, но Светото писмо вели дека од преполнето срце зборува устата, и човекот на виделина изнесува од она што го има во скровиштето на своето срце. Тоа ме загрижува и натажува, што сѐ ја сочинува содржината на срцата човечки, а црквата Христова во секоја криза била најсилна, најчиста и најавтентична. Така ќе биде и во оваа. Ако алудирате на овој Велигден што се празнува во кризна состојба, мене, како човек на црквата, воопшто не ме загрижува правецот во кој ќе одат верата и сите луѓе што веруваат во Христос, распнатиот, погребениот и воскреснатиот, и кој седи од десната страна на Бога и Отецот. Секој што е Христов, смирено чекори по својот спасител, со лично учество во распнувањето, гробот и воскресението, сѐ до царството небесно, во прегратките на Бога и Отецот – вели епископот Јаков.

Има ли толкувања Православната црква за тоа што е поопасно за луѓето во овој момент – пандемијата или стравот со кој тие му пристапуваат на вирусот?
– Нема ништо поопасно од тоа да не се љуби и да не бидеш љубен. Тука, секако, пред сѐ, мислам на оној љубовен однос помеѓу Бог и човекот, без кој нашето постоење нема никаква смисла. Светите отци велат дека љубовта го изгонува стравот и дека совршената љубов не знае за страв. Од друга страна, пак, стравот божји во подвижничкиот живот означува почеток во восовршувањето во љубовта. Очигледно, за љубов, по сѐ што слушнав и прочитав деновиве, ние не можеме да зборуваме. Но тоа и не е толку страшно, бидејќи за љубов зборуваат совршените. Опасно е тоа што немаме ниту страв божји, а тоа значи дека не сме поставиле ниту добар почеток. Оној што своето постоење го темели на божјата промисла и милост, тој има страв божји и не се плаши од ништо, освен од гревот, бидејќи знае дека има есхатолошка перспектива, а ако го темели на биологијата, тогаш стравот од вирусот е неизбежен, бидејќи крајот на биолошкото постоење е гробот.

Вие сте еден од најмладите владици во МПЦ-ОА, како го оценувате развојот на нашата црква? Надежите на МПЦ-ОА оваа година се свртени кон вселенскиот патријарх Вартоломеј. Колку се реални надежите оваа година да се случи процес во кој нашата црква би ја остварила својата цел, автокефалноста?
– Јас, иако најмлад и најмал од епископите на нашата црква, сепак, бев непосреден сведок и сѐ уште сум, на севкупниот развој, а пред сѐ на духовниот, преку возобновувањето на монаштвото, заживувањето на манастирите и литургискиот живот, што резултира со многубројно враќање на луѓето кон светотаинскиот живот на црквата. Со сите добронамерни сестрински цркви, а особено со мајката црква Вселенската патријаршија, ако не беше новонастанатата пандемија присутна во целиот свет, секако ќе зборувавме и ќе се радувавме на нашата автокефалност. Вселенскиот патријарх ја разбира и ја живее тајната на црквата и како добар пастир се залага за нејзиното единство.

Дали МПЦ треба да биде поактивно вклучена во општествените процеси, во смисла на засилена хуманитарна активност?
– Црквата сериозно е вклучена во сите општествени процеси, а тие, какви и да се, секогаш, без исклучок, длабоко ја засегаат и црквата, особено ранливите категории на луѓе. Црквата знае дека Христос се идентификува со луѓето што страдаат во овој свет и затоа хуманитарната активност била одлика на црквата од апостолско време до денес, за што можат да посведочат единствено оние на кои им било помогнато. Свесен сум дека тоа не е доволно за да имате засилена хуманитарна активност во очите на овој свет, бидејќи тоа подразбира медиумски публицитет, а многу често, за жал, и фотографирање со тие луѓе и нашата „значајна“ помош. Едни се критериумите на светот, а друго е духот на црквата, која не е од овој свет.

Како МПЦ-ОА да се доближи повеќе до младите генерации?
– Црквата едноставно не е во можност да го живее феноменот генерациски јаз, бидејќи, иако транзитира низ времето, го надминува и ја оприсутнува вечноста во времето, нудејќи им го вечномладиот Христос и на младите и на старите. Ако воопшто постои некаква оддалеченост на црквата од младите луѓе, проблемот не би го барал ниту во црквата ниту во христијанството, туку во (не)автентичното сведоштво на современите христијани, кои би требало да се сведоци Христови во овој свет. Секако, би започнал од себеси и од мојата несличност со Христос. Колку е поголема таа несличност, толку поискривен лик Христов ќе гледаат младите генерации во овој свет. Црквата Христова имала и ќе има до крајот на светот такви христијани по кои светот ќе узнае дека Бог е љубов и дека Христос навистина воскресна.

[email protected]