Се забранува целосно работата на кафетериите, баровите, клубовите, казината и спортските обложувачници. Сите угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да работат, но без посета на потрошувачи односно гости, и можат да продаваат роба преку онлајн нарачки, односно да вршат достава, или пак истата да се подигнува надвор од угостителскиот објект.

Покрај тоа, се затвораат за посетители сите продавници во моловите, освен маркетите, продавниците за храна и аптеките, а останатите можат да најдат алтернативни начини на работа, односно да вршат достава до домовите, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Аеродромот во Охрид ќе биде затворен 48 часа по донесувањето на одлуката, а се затвораат и сите копнени гранични премини освен Деве Баир, Ќафасан, Табановце и Блаце.

Ова се само дел од најновите одлуки на Владата, во врска со заштитата и превенцијата од коронавирусот кои веднаш стапуваат во сила. Формиран е Главен координативен кризен штаб со кој ќе раководи претседателот на Владата, а во состав на сите заменици-министри, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, кој ќе сесостанува секој ден, веднаш по Комисијата за заразни болести.

Како што кажа министерот Филипче, се забранува и влез на странски државјани и од земјите со среден ризик, освен оние за кои МВР ќе одлучи дека има посебен државен интерес да влезат во државата.

На секој граѓанин кој влегува во државава ќе му се издава писмена наредба за задолжителна самоизолација и истиот треба да ја потпише изјавата дека ќе изврши самоизолација под полна морална и кривична одговорност.