Викендов во просториите на АД ЕСМ, дирекцијата и во сите подружници на компанијата се врши вонредна дезинфекција на работните простории, службените возила и автобусите што се користат за превоз на вработените.

Иако, во рамките на компанијата оваа активност се врши редовно, во согласност со прописите, поради состојбата со коронавирусот во наредниот период ќе се спроведува со засилена динамика во име на здравјето на вработените, кои се темел на компанијата и во име на јавното здравје. Во генералната дирекција и во најголемиот производител на електрична енергија РЕК Битола, формирано е координативно тело за следење на состојбата со коронавирусот.

Покрај спроведената дезинфекција на автобусите со кои се превезуваат работниците, АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола побара и приватните превозници да спроведат целосна дезинфекција на возилата што се користат за транспорт на работниците.

Инаку производството на електрична енергија од капацитетите на АД ЕСМ се одвива во согласност со потребите на електроенергетскиот систем, а со оглед на важноста на РЕК Битола, се преземаат сите расположливи мерки комбинатот да продолжи непречено со работа и во претстојниот период.

М.М.