Целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за пациенти со ковид-19, откако Инфективната и модуларната болница целосно се исполнија, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој вели дека е активиран планот за обезбедување на дополнителни капацитети.

– Нема да се поремети нормалнот функционирање на сите овие клиники, системот Мој термин продолжува да функционира – вели министерот Филипче.

Во моментов, Центарот за белодробни болести се уште има слободни капацитети.

Министерот Филипче соопшти дека во моментов 890 заразени од ковид-19 се во болничките кревети.

– Во последните неколку недели имаме буквално експлозија на вирусот, како кај нас така и во регионот и цела Европа. Секаде е загрижувачка ситуацијата, се исполнуваат капацитетите, а кадарот е се поизморен. Состојбата кај нас не се разликува од овие регионални и светски трендови – рече Филипче.

За еден месец бројката на новозаразени е зголемена двојно. Околу седум проценти од новозаразените имаат потреба од хоспитализација.

Филипче најави дека од утре ќе бидат на располагање дополнителни 150 болнички кревети.