Во изминатиот ден имавме 14 позитивни случаи кои немаат интерна трансмисија, што е 0,01 процент од вкупниот број ученици во државата. Настава со физичко присуство моментно следат повеќе од 233 илјади ученици. Најдобриот пристап што можеме да го примениме во пандемијата е наставата со физичко присуство со почитување на протоколите. Секако дека, како министерство, со локалните самоуправи и училиштата, сме подготвени за промена на моделот во секој момент, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на основното училиште „Ацо Шопов“ во скопската општина Бутел.

Таа додаде дека податоците за бројот на позитивни случаи меѓу учениците укажуваат на стабилност на состојбата и оти вперувањето на прст кон одредено училиште или ученик нема да донесе ништо добро.

– Немаме заразени ученици во училиште. Не постои интерна трансмисија во ниту едно училиште. Државниот санитарен инспекторат и епидемиолошките служби се на терен. Кои деца или наставници се позитивни имаат информации надлежните. Процентот на позитивни е 0,01 отсто на ниво на држава, што укажува на стабилност на состојбата. Покажување со прст на школо или ученик нема да донесе добро за никого. Значајно е дека здравствените служби се ставени на располагање и постапуваат согласно протоколите – посочи Царовска, апелирајќи да се почитуваат превентивните протоколи.

Директорката на Државниот санитарен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова, вели дека тие списоците за лицата кои треба да бидат ставени во изолација ги добиваат од Центарот за јавно здравје, по што ги изработуваат решенијата за изолација, без разлика дали се работи за деца или возрасни лица.