Фото: Архива

Во периодот што следи приоритет ќе се даде на вакцинирање на возрасните гупи и хронично болните, а сосема мал дел од капацитетите ќе биде наменет за вакцинирање на критичната инфраструктура, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој кажа дека здравствените работници почнале да ги контактираат лицата со хронични болести за да бидат вакцинирани.

– Во однос на хронично болните се прават контакти. Се подготвуваат списоци. Врвен приоритет се лицата со трансплантации и оние кои одат на дијализа. Очекувам таа постапка да заврши викендов. Останатите ќе одат по систем на пријавување – рече министерот Филипче.

Лицата со други хронични болести треба да се пријават на вакцинација.мк и да чекаат термин согласно возрасните групи. Министерот Филипче вели дека во периодот што следи приоритет ќе се даде на вакцинирање на возрасните гупи и хронично болните, а сосема мал дел од капацитетите ќе биде наменет за вакцинирање на критичната инфраструктура, односно вработените во институциите неопходни за функционирање на државата.

Тој денес веќе извести дека термини за вакцинирање добиле сите министри оти Владата одлучила да се вакцинира веднаш по вакцинирањето на Собранието.

Вакцинацијата кај нас почна на 17 февруари со вакцинирање на здравствените работници од ковид-центрите. Доега се дадени 104.000 дози вакцини, а околу 24.000 граѓани веќе ги добиле двете дози од вакцината за заштита од ковид-19.


Филипче: Ефикасноста на вакцината на „Синовак“ е поголема од 50 проценти

Ефикасноста на кинеската вакцина „Синовак“ е многу поголема од педесет отсто, уверува министерот за здравство Венко Филипче. Во текот на овој месец од оваа вакцина кај нас треба да стигнат 500.000 дози наеднаш. Министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека токму големата количина која може да стигне наеднаш била пресудна за да се одлучат за набавка на оваа вакцина за која светските медиуми известија дека има ефикасност од 50 отсто.

– За ефикасноста на „Синовак“ разговаравме повеќе пати. Разговаравме и утрово, експертите и публикациите покажуваат дека ефикасноста на вакцината е многу поголема, над седумдесет отсто. Ние се одлучивме за набавка на оваа вакцина затоа што не постои друга која може наеднаш да стигне во толкава количина. Сакаме пред летните месеци да имаме што повеќе вакцинирани, да се заврши со возрасната група и оние ризични категории граѓани и секако пред летото да биде завршена вакцинацијата на лицата кои планираат патувања – рече министерот Филипче.

Минатата недела кај нас стигна првата голема пратка вакцини од Кина во која имаше 200.000 од вакцината на „Синофарм“. Со нив, оваа недела почна масовната вакцинација, а министерот Филипче најави дека секој понеделник во мај ќе стигнуваат по 7-10 илјади дози од вакцината на „Фајзер“.