Министерството за здравство информира дека е пуштена во употреба веб-страницата Vakcinacija.mk , на која граѓаните ќе може да се пријават за вакцинација против ковид-19. Секој заинтересиран граѓанин што сака да прими вакцина против коронавирусот може да се пријави на веб-страницата.

– Потребно е граѓаните да ја пополнат апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против ковид-19. Со пополнувањето на формата се регистрирате директно во националниот систем ‘Мој термин’. Сите апликации што ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот, кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина – информира Министерството за здравство.

Во согласност со распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот што ќе го изберат при регистрацијата.

– Вакцинирањето е доброволно и се спроведува во согласност со стратегијата за вакцинација на Република Северна Македонија. Единствениот начин за да го победиме вирусот е со вакцинација против ковид-19. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи, на кои досега се развиваа и сите други вакцини – псочуваат од Министерството.