Министерот за здравство Венко Филипче по состанокот со Комисијата за заразни болести во вестите на Канал 5 телевизија денеска изјави дека има зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години и истакна дека нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 години, и под 10 години. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години, и од 30 до 40, нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години.

– Денеска Комисијата донесе неколку предлози коишто ќе бидат доставени на денешната седница на Владата. Прво, да се забрани гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти. Потсетуваме, дека дискотеките и ноќните клубови не добија дозвола за работа, инсистираме да се почитува работното време во угостителските објекти до 12 во работни денови, и 1 часот после полноќ за викенд. Се намалува дозволената гласност на музиката и се ограничува до 55 децибели согласно нашиот правилник на Министерството за здравство, со цел да се намали поголемата концентрација на луѓе на едно место. Препорачуваме и да се намали бројот на луѓе коишто може да седат на една маса во угостителските објект од сега дозволените 12 на четири. Го очекувавме ова, го најавувавме тој зголемен притисок, мини бран што требаше да се јави во есенските месеци заради поголемата концентрација на луѓе веќе после завршување на годишните одмори – потенцираше министерот Филипче.