Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во земјава во моментот има над 300 илјади дози вакцини, 110 илјади на „Астразенека“, 110 илјади на „Фајзер“ и 100 илјади на „Синовак“.

Објасни и дека секоја недела во земјава пристигнуваат од 30 до 40 илјади вакцини на „Фајзер“, преку Ковакс системот.

„Имавме состанок со нив, со претставници на таа компанија. Сите испитувања одат во насока дека трета доза ќе биде потребна, но чекаме тие наоди да ги официјализираме“, рече министерот за здравство.

Во своето обраќање Филипче појасни дека никогаш, ниту тој, ниту бил кој здравствен работник во светот не кажал дека вакцината целосно штити од вирусот, туку дека штити од тешка форма на болеста и 20 пати го намалува ризикот од смртен исход од коронавирусот.

„Точно знаеме како се лекуваат сите пациенти и сите се лекуваат по протоколи и со модерни лекови. Најголем број од пациентите во болниците се невакцинирани и тоа е проблемот. Околу 9% од смртните случаи се вакцинирани, но тоа се пациенти кои се пациенти кои имаа тешка состојба и со сериозни коморбитети“, појасни тој.

Според него, секаде во регионот болниците се оптоварени со невакцинирани пацинети.

„Разговараме со колегите од другите земји, и секаде болниците се оптоварени со невакцинирани. И од тука не можеме да ја предвидиме ситуацијата во пандемијата, веројатно ќе има нови соеви, но вакцината е таа што штити од смртен исход или тешка форма на болеста“, увери Филипче.