Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ја посети болницата во Куманово за да направи увид во работењето и капацитетите, откако 18 вработени во оваа установа се заразија со коронавирус.

На состанокот со менаџментот министерот оценил дека болницата работи непречено и дека организацијата на работата е добра.

– Откако 18 вработени се дијагностицирани со ковид-19, направена е реорганизација на работата и сега болницата работи непречено. Од пред неколку денови во поддршка на вработените на инфективното оделение дојдоа двајца лекари од Штип и од Скопје со што капацитетите се задоволени – информираат од ресорното министерство.

Во кумановската болница има вкупно 700 вработени и покрај оние кои се заболени од коронавирус нема друг персонал кој е во самоизолација.

Директорката на болницата го информираше министерот дека располага со сосема доволен број на заштитна опрема и истата се надополнува постојано.

Министерството за здравство продолжува интензивно да ја следи состојбата во Куманово и доколку има потреба од дополнителна поддршка во однос на ресурси итно ќе реагира.