Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Протоколите за новата учебна година се речиси готови

Децата можат да се вратат во училиштата од септември, а за две недели целосно ќе бидат завршени протоколите за новата учебна година, најави министерот за здравство Венко Филипче.

– Протоколите за учебната година се речиси готови. Планирано е да присуствуваат сите деца, 100 отсто од вкупниот број во класовите. Има уште некои технички детали, на кои работи работната група во која членуваат претставници од МОН и епидемиолози од Комисијата за заразни болести – изјави Филипче, додавајќи дека протоколите ќе бидат завршени за две недели.

Министерот уште еднаш ги повтори превентивните мерки кои вклучуваат дезинфекција, често проветрување на училниците и немешањето на различни класови. Филипче посочи и дека е планирана имунизација на сите наставици со пристигнувањето на големото количество вакцини викендов.