Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска зборуваше за засилувањето на мерките со цел заштита од понатамошно проширување на коронавирусот.

Претходно, министерот најави дека по предлог на Комисијата за заразни болести до Главниот координативен кризен штаб предложил воведување полициски час, почнувајќи од среда, во периодот од 22 до 5 часот наутро.

Филипче во изјавата истакна дека мерките кои во моментов важат во угостителските објекти се доволни и ги повика инспекторатите да ги употребат зголемените ингеренции и почесто да вршат контрола за почитување на протоколите.

– Во угостителските објекти има протоколи и сè што треба е само да се почитуваат, а инспекторатите, свесни сме дека се нон стоп на терен и дека е голем притисокот, но ги повикувам колку може таа работа да се интензивира во смисла на контрола и проценка дали се почитуваат препораките или не. Угостителските објекти работат со протоколи, сосем доволни во својство на стандардните принципи за да се спречи ширењето на болеста, така што ова е сега мерка, ќе видиме каков резултат ќе има, има слободни болнички капацитети и во моментов ситуацијата не е критична и ризична, но секако не сакаме да стигнеме до таму – изјави министерот.

Според него, во болниците се исполнуваат инфективните одделенија, но сепак нема нагол раст како што беше на почетокот на месец ноември минатата година.

– Во моментов е тешко да се процени дали и колку ќе биде силен бранот којшто сега се јавува во смисла на зголемени новодијагностицирани случаи – посочи Филипче.