Тестираме масовно и ги откриваме и асимптоматските случаи за прекин на ланецот на ширење, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, во својство на претседател на комисијата за здравство на СДСМ, за време на централната трибина на коалицијата „Можеме“ во Скопје.

– Се соочуваме со најголема здравствена криза во последните сто години. Гледавме страшни сценарија од Европа, од светот , па и од соседството, а последните информации говорат дека косовскиот здравствен систем е пред колапс – истакна Филипче на почетокот од обраќањето.

– Ама ние не видовме такви сценарија кај нас. Не видовме ниту преполни болници, ниту пациенти по ходници, ниту колони возила на итната медицинска помош. Не видовме затоа што реагиравме навремено. Ги следевме препораките на СЗО, ги опремивме болниците, направивме мобилна клиника, купивме заштитна опрема за здравствените работници, го надградивме системот за тестирање,тестираме масовно и ги откриваме и асимптоматските случаи со што го прекинуваме ланецот на ширење на заразата. Бевме свесни дека граѓаните мора да ги знаат точните информации и да не оставаме простор за создавање на паника. А наспроти ова беше опозицијата која ширеше лажни вести, заплашуваше, се закануваше и шпекулираше за бројки на пациенти, за починати лица и тестови – посочи Филипче.

Тој додаде дека ваков деструктивен однос кон здравствениот систем опозицијата правеше цели 10 години, а најразочарувачки е блокирањето на 33 милиони евра европски пари кои сега требаше веќе да бида вложени во подготовка на здравствениот систем за есенскиот период.