Министерот за здравство, Венко Филипче, ја поздрави одлуката на претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба.

– Сега Владата ќе може брзо и ефикасно да управува со ресурсите на државата и навремено да реагира на предизвиците кои ни претстојат и на здравствен и на економски план – напиша министерот на социјалните мрежи.

Тој образложи дека вонредната состојба значи дека Владата добива и законодавна и извршна власт. Со тоа, како што посочува министерот, се олеснува работата на Владата во време на кризи и истата може да носи одлуки за добро на граѓаните многу побрзо и поефикасно, а тоа се прави преку носење уредби со сила на закон, кои важат само додека трае вонредната состојба.

Во однос на тоа дали ќе има полициски час или ограничување на движењето, министерот кажа дека во овој момент нема таква одлука и упати апел до граѓаните да ги следат сите понатамошни одлуки на Владата, со цел информирање за евентуални ограничувања на движење.

Министерот дополнително посочи во статусот дека во државата има доволно резерви на храна.

– Останете во своите домови, не излегувајте доколку немате потреба и купувајте онолку колку што ви треба – напиша министерот Филипче и повтори дека сите треба да се придржуваат до мерките и препораките, со цел побрзо и полесно надминување на состојбата.