Фото: Архива

Ставот на министерот за здравство, Венко Филипче, и на Комисијата за заразни болести е дека ни следува мирен и стабилен период за состојбата со коронавирусот кој остава простор за одржување на изборите. Министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање кога Комисијата ќе препорача одржување на изборите одговори дека наесен има многу ризици кои може дополнително да ја влошат епидемиолошката слика.

– Сето тоа што ние како рестрикција го донесовме и сакавме да го ограничиме, отворените граници, патувањата, влезот на странци, наши во странство и враќање назад, деца за враќање во училиште сето тоа се фактори кои може да ја влошат сликата. Исто така и дополнителен евентуален број заболени од сезонски грип кој се јавува во есенските месеци. Ги кажав аргументите зошто сметаме дека периодот пред нас ќе биде мриен, ќе биде период во кој што епидемијата ќе биде апсолутно под контрола и ги кажав ризиците кои може да дојдат во следните месеци понатаму кои таа епидемиолошка слика може да ја влошат, а врз основа на кои предвидувања и на почетокот ги воведовме рестриктивните мерки – рече министерот Филипче.

Скокот на новодијагностицирани пациенти изминативе денови министерот Филипче вели дека бил варијација и дека најголемиот број од новите пациенти биле поврзани со точно утврдени настани.

Епидемиолошката крива повторно почнала да оди во нагорна линија поради епидемиолошки поврзани случаи со погреб во Тетово и мал собир во Скопје.

Министерот смета дека строгите мерки изминатиот период дале резултат па затоа пред нас, како што вели, е мирен период во кој може да се изменаџира и евентуално зголемување на бројот на пациенти со кој е можно да се соочи здравствениот систем по олабавување на мерките.