Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека сите пациенти кои се заболени од коронавирус во Македонија биле во контакт со претходно заболен или носител на вирусот во инкубација.

– Засега сите информации што ги имаме за сите пациенти укажуваат дека имале контакт со заболено лице или лице кое не било заболено, но, било носител во фаза на инкубација. Во нашата земја нема регистрирано таканаречено автохтоно жариште. За сите има податок дека биле во контакт со некој заболен – рече  Филипче.

Просечната возраст на новите случаи е четириесеттина години.

Новите случаи кои биле тестирани во болницата „Жан Митрев“ се поврзани со веќе постојни пациенти кај нас или се луѓе дојдени од ризични региони или биле во контакт со заболени од други земји.

Досега се потврдени 70 случаи на коронавирус во земјава. Првиот случај беше потврден на 26 февруари. Првозаразената пациентка, која допатува од Италија, е излекувана и во понеделникот беше пуштена на домашно лекување. Една пациентка е во критична состојба.