Ме радува ставот на поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху. Неговите пораки упатени до верниците дека коронавирусот е сè уште тука се значајни за подигање на свеста кај граѓаните, напиша министерот за здравство Венко Филипче, во врска со изјавата на новиот в.д. реис на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху. Тој денеска посочи дека коронавирусот е вистински и опасен, за разлика од неговиот разрешен претходник, Сулејман Реџепи, кој го прогласи вирусот за мртов.

– Поглаварот посочи дека вирусот е опасен и брзо се шири и побара од своите верници да ги почитуваат мерките за заштита и препораките на стручните лица, со што покажа одговорност кон состојбата во земјата. Сметам дека е исклучително важно сите чинители во општеството да се вклучат во борбата со коронавирусот. Секој во својот круг на делување може да влијае на свеста на граѓаните и да укажува дека само со почитување на мерките можеме да ја надминеме оваа состојба – вели Филипче.