Министерот за здравство, Венко Филипче, обидувајќи се да го објасни новиот засилен бран на коронавирусот во земјата, рече дека повеќето од пациентите се асимптоматски или со лесна клиничка слика, а само 14-ина проценти се хоспитализирани.

Во однос на зголемената смртност, Филипче тврди дека повеќето од нив, околу 76 отсто, имале многубројни коморбодитети, односно болести на кардиоваскуларниот систем, на белите дробови или дијабетес. Од 193 починати, вели Филипче, повеќето имаат над 60 години.

Со оглед на тоа што голем дел од медицинскиот кадар работел постојано, секој ден, сега се врши ротација на кадараот. Засилен е кадарот на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“.

На Инфективната клиника дојдени се пет доктори од другите клиники и 27 медицински сестри, а во ГОБ „8 Септември“ шест доктори и 20 медицински сестри.

– Монтажната болница е достапна и подготвена. Таму има 70-ина кревети, тријажен центар, дел за хоспитализација и амбулантски дел – вели Филипче.

На Инфективната клиника во моментот има 95 пациенти, од кои 37 се на кислородна поддршка. Во ГОБ „8 Септември“, пак, има 113 пациенти, од кои 10 се на респиратор, а 21 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола има еден потврден случај на болничар позитивен на коронавирусот, а двајца негови колеги се во изолација. Денеска, еден од хирурзите пријавил симптоми на ковид-19 и денес ќе се знае дали и тој е позитивен на коронавирусот.

На другите одделенија во другите градови во земјата има уште 66 пациенти, информира министерот за здравство.