Фото: Игор Бансколиев

Мерките за спречување на ширењето на заразата од коронавирусот, кои веќе две седмици се спроведуваат во Македонија, викендов донесоа дополнителни рестрикции за Куманово. Забраната за движење во Куманово, која со одлука на Владата беше активирана во петокот, на 3 април, во 21 часот, заврши утринава во 7 часот, со непрекинат карантин од повеќе од 48 часа. Во првиот дел од викендот, односно до неделата наутро, до 7 часот, одлуката не ја почитувале 12 лица во Куманово, кои се лишени од слобода, а за две лица се земени податоци, објави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот фејсбук-профил. Според објавените податоци, на територијата на целата држава, во викенд-деноноќието забраната не ја почитувале 164 лица, од кои 122 биле приведени, две лица добиле опомена, а на другите им биле земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. Најголем дел од непочитувањата се на територијата на СВР – Скопје, потоа СВР – Струмица и на СВР – Куманово.

Објавената статистика покажува дека во текот на саботно-неделното деноноќие нови 264 лица добиле решенија за изолација, а 24 лица потпишале изјави за самоизолација. Полициските службеници извршиле контроли кај лица во изолација и самоизолација, при што констатирале дека едно лице не се придржувало до мерките за изолација и самоизолација. Во истиот период, во државен карантин се спроведени 57 лица.
Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека кулминацијата на состојбата со коронавирусот се очекува на крајот на месецов, со процена дека бројот на заболени ќе достигне до 2.000. Според министерот за здравство, коронавирусот најверојатно ќе заврши со некаква форма на колективен имунитет, но во моментот се собираат повеќе податоци. Се работи на вакцина, а дотогаш вирусот ќе биде присутен.

– Ќе се јавуваат бранови на пациенти, но битно е порастот на нови случаи да биде контролиран, за да може здравствениот систем соодветно да ги згрижи сите пациенти – вели Филипче и ги повикува граѓаните да се грижат и за своето ментално здравје за време на кризата со ковид-19.
Сепак, споредбените статистики од изминатите 48 часа за состојбата со справувањето со пандемијата на Балканот не прикажуваат „популарни“ резултати за Македонија. Според таквите споредби, Македонија е на второ место на Балканот според бројот на починати на еден милион жители.
Според бројот на заразени на еден милион жители, Македонија се наоѓа на петтото место во регионот, веднаш зад Хрватска, со просек од 232 заразени на еден милион жители.

Споредбената статистика исто така говори дека сме втора земја во регионот со спроведени тестови за откривање на ковид-19, односно направени се 2.362 теста на еден милион жители, веднаш зад Хрватска, која има направено 2.395 теста на еден милион жители.


Еден починат и 72 новозаболени

Во изминативе 24 часа се регистрирани 72 нови случаи на коронавирус во земјата. Новозаболените се во Скопје – 14, Куманово – 21, Штип – 1, Прилеп – 9, Тетово – 12, Струга – 1, Велес – 1, Битола – 2, Гостивар – 1, Радовиш – 1, Крушево – 2, Кочани – 7. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти вчера изнесуваше 555 лица.
Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, со два контролни негативни теста вчера заминаа три пациенти.

На клиниката неколку часа по приемот во болница почина маж од Лабуништа (Струга) на 63-годишна возраст донесен на клиниката со тешка клиничка слика.
До вчера на Инфективната клиника беа хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, другите пациенти беа стабилни.