Министерот за здравство, Венко Филипче очекува до крајот на летото да биде постигнат колективен имунитет. Според планот за имунизација, како што посочи министерот, дневно ќе се вакцнираат од 15.000 до 20.000 граѓани, со оглед на тоа што се очекува викендов да пристигне значајна количина на вакцини – 500.000 кинески дози од „Синовак“, како и значителна количина на „Фајзер“ преку механизмот „Ковакс“.

– Досега се вакцинирани нешто помалку од 300.000 граѓани, а во следниот период со новата количина на вакцини се очекува да бидат имунизирани уште 300.000 граѓани. Тоа се 50 проценти од вкупната популација која што планираме да се вакцинира, тука се исклучени децата. До крајот на летото верувам дека ќе добиеме процент за којшто може да кажеме дека е колективен имунитет. Секако, не знаеме како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но според искуството што ми го пренесе амбасадорот на Кина со делата сојот, таму и покрај интензивната вакцинација има заболени, но со лесна клиничка слика – изјави Филипче на заедничката прес-конференција со кинескиот амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо.