Преку итна неповратна помош, Јапонија го обезбеди лекот Фавипиравир -„Авиган“ за земји погодени од ковид-19, во партнерство со УНОПС, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации. И Северна Македонија од Јапонија доби „Авиган“ за пациенти со ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

– Добивме „Авиган“ за 100 пациенти. Станува збор за антивирусна терапија, којашто во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата од 2014 година. Во тек се бројни клинички студии за пациенти со ковид-19 и од искуствата во апликацијата веќе има добри резултати, не само во Јапонија, туку и во повеќе земји во светот – информираше Филипче.

Тој појасни дека ова е лек кој што се користи „off-label“, значи за да биде дефинитивно потврден дека се користи за овие пациенти, односно за болест предизвикана од коронавирусот потребно е да завршат клиничките студии.

– Но со оглед што има сличен механизам на дејство како и за другите вируси, очигледно дека има добри резултати кај пациентите во многу земји во светот. Се препишува по строга индикација, после бројни анализи пред сè на крвта, коишто го детектираат имунитетот на пациентот, а коишто се прават и во нашите болнички установи – информираше министерот Филипче.

Во моментот Јапонија спроведува мултицентрична клиничкa студија во повеќе земји од светот во која се испитува ефикасноста на „Авиган“ во третманот на пациентите со ковид-19. Од Министерството за здравство велат дека охрабрувачки се фактите дека генеричките форми на овој лек веќе се одобрени во Русија и Индија за лекување на ковид -19 и овие генерички форми се применуваат за третман на ковид-19 и во други земји.

Сепак, велат од МЗ, треба да се има предвид дека примената на „Авиган“ во лекување на пациентите со ковид -19 е сè уште неодобрена индикација, впрочем како и сите други антивирусни терапии кои се применуваат во борбата со овој вирус и треба да се препишува и аплицира под внимателен медицински надзор.