Одлуката за скратување на полицискиот час и за продолжување на работното време не е политичка, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој вели дека одлуката не ја донел сам, туку по телефонска консултација со претседателот и членовите на Комисијата за заразни болести.

Во понеделникот немало официјален состанок поради празникот, па затоа министерот самиот, по телефонските консултации, предложил на кризниот штаб во Владата да го разгледа предлогот за олабавување на мерките.

– Во неофицијалните консултации направени телефонски, констатиравме дека има можност за попуштање. Јас се консултирав со сите и потоа предложив. Одлуката не е политичка. Сите се сложија, но поради празникот немаше официјален состанок. Членовите се согласни да има попуштање на мерките. Денес имаме 300 новодијагностицирани. Доколку трендовите продолжат ќе има дополнително попуштање на мерките – рече Филипче.

Министерот го даде предлогот во понеделникот, а Владата вчера изгласа полицискиот час да почнува во 23 часот,односно да се скрати за два часа, работното време на терасите на угостителските објекти да се зголеми за два часа и тие да можат да работат до 22.30 часот, а дополнително изгласана е и одлука за двонеделен карантин за патниците што доаѓаат од Индија и Бразил за да се спречи ширење на нови соеви на вирусот.

На седницата не биле прифатени предлозите за отворање не теретаните и за зголемување на максимално дозволениот број деца во градинките.

Поради намалениот притисок врз болниците, на вообичаениот начин на работа се враќаат урологија, пластична хирургија, а од денес почнува подготовка и кардиологија да се врати на стариот начин на работа. Овие оддели беа прилагодени во привремени ковид – центри поради зголемената потреба за болничко лекување на пациентите заболени со ковид-19.