Министерот за здравство Венко Филипче смета дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат и да го искористат своето влијание во заедницата во борбата со коронавирусот. Во контекст на ова, утрово министерот оствари средба со новиот реис на ИВЗ, Шаќир Фетаху.

– Фетаху во целост се согласува со ова и ја поздравува иницијативата. Тој посочи дека ќе продолжи да дава максимална поддршка и свој личен придонес во напорите на институциите кои се справуваат со корона-кризата во земјата – рече Филипче.

Министерството за здравство планира заеднички средби на претставниците на Владата, невладините организации и верските заедници.

– Борбата со вирусот ќе трае, но ние мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме. Сметам дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат, да го искористат своето влијание во зедницата во подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За ова е неопходен дијалог на сите општествени нивоа. На средбите ќе ги дефинираме начините за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот – рече Филипче.