Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните треба да бидат свесни дека ако не се вакцинираат имаат сериозно голема шанса да заболат од коронавирусот кој што многу веројатно ќе ги смести во болница и има многу голема шанса да дојде до компликации, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој информира дека во последната недела се детектирани уште пет случаи на новиот делта сој на вирусот – три во Скопје и по еден случај во Куманово и Тетово.

„За сите мутации и соеви вакцината е единствен спас и на тој начин може да ставиме крај на епидемијата“, рече Филипче.

Тој повтори дека се размислува да се воведат ограничивања за невакцинираните ако се соочиме со нов бран наесен.

„Сепак, не можеме сите да страдаме заради некој што не се вакцинира. Не можеме да бидеме затворени. Затоа е измислена вакцината, да се врати животот во нормала“, рече Филипче.

Тој информира дека за да се постигне колективен имунитет потребно е да се вакцинираат околу 80 отсто од населението, што е двојно повеќе од сегашниот процент на вакцинирани.