Фото: Маја Јаневска-Илиева

Засега нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција на која информираше и за набавката на вакцини, како и за процесот на вакцинација во Македонија.

– Утрово имавме координација со членовите на Комисијата за заразни болести на база на најновите податоци и анализи. Заклучок е дека сегашната мерка за рестрикција на движењето по 22 часот треба да остане иста и не треба да се дополнува, а допрва се очекуваат резултатите. Евентуално, ако има потреби за дополнителни рестрикции, тие ќе бидат по состанокот на Комисијата кој ќе се одржи наредната недела – изјави Филипче на денешната прес-конференција.

Министерот информираше дека успешно тече вакцинацијата на здравствените работници, а се осврна и на набавката на вакцини за Македонија.

– Успешно тече вакцинацијата на здравствените работници. Заклучно со вчерашниот ден имаме 5.300 вакцинирани здравствени работници и ова е многу битно за нивна заштита поради зголемениот ризик од зараза. Во следниот период, до крајот на месецов и почетокот на следниот очекуваме да профункционира системот „Ковакс“ од кој ќе добиеме 100 илјади вакцини, а во комуникација сме и со кинеските и руските произведувачи, како и со компанијата „Фајзер“. Го немаме точниот датум за испорака но ги очекуваме вакцините на почетокот од април кога треба да почне масовната вакцинација во Македонија – порача Филипче, нагласувајќи дека е свесен оти набавката на вакцините не оди со посакуваната навика, споредувајќи ја со војна поради зголемената побарувачка.

Тој ги потсети граѓаните да останат максимално будни во пандемијата и апелираше да продолжат да ги почитаваат сите превентивни мерки.

Филипче соопшти и дека е разрешен директорот на струшката болница, напоменувајќи дека вчера формирал нова комисија која треба да даде оценка за лекувањето на родилката од Дебар.