Непочитувањето на мерките нè доведе до овој бран, вели министерот за здравство, Венко Филипче, а во однос на зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот во земјава. Тој вели деталната анализа покажала дека 65 отсто од активните заболени се поврзани со веќе познат случај, а од нив, 90 отсто спаѓаат во 41 кластер.

Најголемиот број од новодијагностицираните, покажала анализата, се заболени во периодот од 23, 24 и 25 мај, за време на семејни собири. Слична е ситуацијата и во другите градови каде што има поголем број заболени, а како резултат на семејни собири биле заболени и лицата од другите општини во Скопје каде што претходно бројката беше ниска. Комисијата за заразни болести, вели Филипче, ќе предложи до Владата да се дискутира за евентуална рестрикција на движењето.

– Непочитувањето на мерките го донесе овој втор бран. Првиот бран го амортизиравме. Во даден момент, оние кои не ги почитуваа мерките за заштита, го загрозија и сопственото и колективното здравје – рече тој.

Филипче вели дека во последниов период се врши масовно тестирање на контактите на веќе дијагностицираните заболени и зголемената бројка очекувано се должи на тоа.

– Со оваа стратегија ги изолиравме контактите на заболените. Полицискиот час за време на викендот овозможи и многу побрзо тестирање – вели министерот за здравство. Тој повтори дека огромен процент од новодијагностицираните се со лесна клиничка слика или се асимптоматски.