Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека анализите покажуваат дека е намалена преносливоста на вирусот. R0 (ер нула) факторот на преносливост е намален од 1,5 на близу 1, тоа значи дека еден човек при непосреден контакт зарзаувал, 1,5 човек, а сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1.

Министерот изјави дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен, а доколку има простор и потреба Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, ќе препорача и дополнителни рестриктивни мерки. Следна мерка, рече Филипче, би можела да е полициски час.

Министерот изјави дека мерките даваат разултати, но предупреди дека вирусот е непредвидлив и во даден момент може да се влоши клиничката состојба на пациент, па да треба голем број пациенти да се хоспитализираат. Тоа, рече Филипче, значи огромен притисок врз здравствениот систем.

– Сè повеќе одделенија се пренаменуваат да третираат пациенти со ковид. Многу веројатно е дека за многу кратко време, тоа може да доведе до намалување на обемот на нормалната работа на одделенијата, редуцирање на термините преку системот Мој термин како за прегледи така и за интервенции, дијагностички или оперативни. Сите се посветени на оваа работа – координаторите на интерните клиники, Инфективната клиника, во болниците сите одделенија практично и целокупниот кадар е посветен, и по систем на ротација спремен да помогне во третман на ковид пациентите, но тоа оди сè потешко – изјави министерот.

За разлика од пролетта и летото, рече Филипче, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија.

– Мерките кои се на сила иако ги даваат првичните резултати сепак не може да се зборува за целосно елеминиран ризик во делот со хоспитализацијата и брзото пополнување на болничките капацитети како и недостаток од медицински кадар – рече Филипче.