фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство го прави планот за организација на капацитетите во болниците за новиот бран на коронавирусот кој се очекува на почетокот на есента, кога се очекува дополнително оптеретување на системот со заболени од сезонскиот грип. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека државата веќе го има искуството и дека може да се справи со следниот предизвик.

– Ние практично го правиме планот, добар дел е и направен за што и како треба да бидат организирани капацитетите за следните месеци, посебно за почетокот за есента кога сигурно ќе имаме нов бран на заболени, дополнително отпретување со сезонскиот грип. Веќе сега се престојуваме, научивме што и како треба сега. Имаме дополнителни капацитети на Инфективната клиника, болницата „8 септември“ знаеме како да ја организираме и паралелно на тоа, да нема одлагање на хроничните пациенти кои сега се одложени – рече Филипче.

Според него, добро е тоа што се разменуваат искскутва со останатите држави преку Светската здравствена организација, како и постоењето на мобилната апликација „Стоп корона“ која ги евидентира контактите со евентуално заболени лица со коронавирус.